Соопштение за одржана седница на Одделот за казниви дела
ActionsВести
- Почетна
- >
- Вести
Соопштение за одржана седница на Одделот за казниви дела
ДНЕВЕН РЕД
1. Усвојување на записникот од седница на Одделот за казниви дела одржана на ден 07.12.2021 година.
По одржаната расправа се усвои записникот од седница на Одделот за казниви дела одржана на ден 07.12.2021 година.
2. Расправа и анализа на предметите во казнивиот оддел од аспект на сослушување на сведоците во кривичните постапки и исклучувањето на јавноста (Бошкоски против Република Северна Македонија, А.бр.71034/13 од 04 јуни 2020 година, конечна на 04 септември 2020 година; Јаневски против Република Северна Македонија, А.бр.39259/15 од 19 ноември 2020 година, конечна на 19 ноември 2020 година; како и пресудата Пападакис против Република Северна Македонија, А.бр.50254/07 од 26 февруари 2013 година, конечна на 26 мај 2013 година).
По одржаната расправа се усвоија залучоци кои дополнително ќе бидат објавени.
3. Барање за донесување Правно мислење по доставен одговор од Јавното обвинителство на РСМ КОЗ.бр.46/21 од 08.06.2021 година, во врска со донесени решенија на Основен кривичен суд Скопје за трошоци по член 102 став 4 и член 105 од ЗКП и АТ.
По одржаната расправа се заклучи дека се бара Правно мислење за конкрентен предмет, поради што не се донесе Правно мислење.
4. Барање за донесување Правно мислење од Основен кривичен суд Скопје - Оддел за кривично полнолетни по прашањата: 1.„Која е правната квалификација кога се вперува сигнализационо звучен пиштол, или опасно орудие или НН оружје?“ 2.„Како да постапи првостепен суд кога за кривично-правен настан станува збор за друга правна квалификација за одредено кривично дело, кога судот не е врзан за правната оцена на делото?“
По однос на поставеното прашање под 1. по одржаната расправа се заклучи дека не може да се донесе Правно мислење, се работи за фактичко прашање, каде во секој конкретен предмет и случај се разгледува поединечно.
По однос на поставеното прашање под 2. по одржаната расправа се заклучи дека согласно член 396 став 2 од Законот за кривичната постапка, кога судот по завршена главна расправа и дадени завршни зборови на странките во фаза на советување и гласање, доколку изврши преквалификација на кривичното дело, донесува пресуда и имајќи ја во предвид фазата во која се наоѓа предметот не постои законска можност да го повика обвинетиот да се изјасни за вина.
5. Барање за донесување Правно мислење од Основен кривичен суд Скопје – Прекршочен оддел по прашањето: „Кој е надлежен да одлучи по жалба на посебно решение за трошоци во прекршочна постапка?“
По одржаната расправа се заклучи дека по ова правно прашање донесен е заеднички став на четирите Апелациони судови, кој е обврзувачки за пониските судови.
6. Барање за донесување Правно мислење од Основен кривичен суд Скопје - Оддел за кривично полнолетни по прашањето: „Кој суд е надлежен да постапува по барање за бришење на осуда?“
По одржаната расправа се заклучи дека по ова правно прашање не може да се донесе Правно мислење, бидејќи веќе Врховниот суд го изразил својот став во повеќе свои одлуки меѓу кои и Кр.бр.205/2021.
7. Барање за одржување работна средба во врска со примена на член 88 став 1 и 2 од Законот за возила и одредбите од Законот за прекршоците кога одговорното лице во странското правно лице е македонски државјанин, поднесено од МВР – Оддел за прекшоци – Сектор за прекршоци – за подрачјето на територија на РСМ.
По одржаната расправа се заклучи дека по ова правно прашање Врховниот суд го изразил својот став во повеќе свои одлуки за стварна и месна надлежност на Комисијата, меѓу кои: Кр.бр. 61/21, Кр.бр. 62/21, Кр.бр. 63/21, Кр.бр. 68/21, Кр.бр. 69/21, Кр.бр. 70/21, Кр.бр. 83/21, Кр.бр. 84/21 и Кр.бр. 104/21.
8. Расправа по заклучок донесен на Работната средба на претставници на апелационите судови и Врховниот суд на РСМ за хармонизирање на судската пракса во месец октомври 2021 година, дека рокот од 30 дена за поднесување на барање за поведување на прекршочна постапка од член 87 став 4 од Законот за прекршоците, е инструктивен рок.
По наведената точка од дневниот ред, се заклучи дека постои различно постапување на судовите по член 87 став 4 од Законот за прекршоците, од кои причини потребно е да се изработи реферат и да се стави на дневен ред на Општа седница на Врховниот суд на РСМ за негова расправа.
9. Расправа по правно прашање на Апелациониот суд Битола: „Дали денот кога осуденото лице е ставено во екстрадиционен притвор во друга држава по претходно издадена меѓународна потерница од македонски суд, се смета за ден кога започнува извршувањето на казната затвор и од тој ден се утврдува дали настапила апсолутна застареност на извршувањето на казната затвор, согласно член 111 став 5 од КЗ.
По одржаната расправа се заклучи да се изготви Правно мислење по поставеното правно прашање.
10. Иницијатива за донесување Правно мислење во врска со член 52 став 4 од Законот за локалната самоуправа, за искажано мислење на Градоначалник на општина на советот.
По одржаната расправа се заклучи дека поднесената иницијатива треба да се отфрли, бидејќи се работи за предмет по кој се постапува.
Одделот за казниви дела на Врховниот суд на Република Северна Македонија, предложениот дневен ред го дополни со следните две точки:
11. Расправа по дописот со Препорака на Биро за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права бр.0901-36/1 од 25.01.2022 година, за предметот Транскоп АД Битола против Северна Македонија, А.бр.48057/12, пресуда на ЕСЧП од 01 април 2021 година, за донесување од Врховниот суд начелен став и/или Одделот за казниви дела на Врховниот суд да донесе заклучок, со кој ќе се адресира прашањето за одржување на усна расправа особено во постапка за одземање на предмети, како и обврската на домашните судови да ги достават поднесоците од едната страна на увид и одговор на другата страна, вклучително и вештачења изготвени по наредба на судот за почитување на принципот на еднаквост на оружјата.
По одржаната расправа се донесе заклучок кој дополнително ќе се објави на WEB страната на Врховниот суд и ќе се извести Биро за застапување на Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права.
12. Расправа за не/потребата од изземање на судија од постапување и одлучување по предметот на ВСРМ Квп2.бр.177/21, оформен по барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда од осудениот, поднесено преку бранител, за оценка на објективниот пристап за утврдување на непристрасност на судијата, кога претходно учествувал во постапка на Совет за одлучување по жалба на ВСРМ, изјавена против решение на Судски совет на РСМ, за негово разрешување, за неизвршување на службена должност, што е и кривично дело во последователната постапка по поднесениот вонреден правен лек, како и не/постоење прејудицирање на вина на осудениот.
Оваа точка е симната од дневен ред.