Претседателката на Врховниот суд оствари посета на Апелациониот суд Скопје и на Кривичниот, Граѓанскиот, Управниот и Вишиот Управен суд
ActionsВести
- Почетна
- >
- Вести
Претседателката на Врховниот суд оствари посета на Апелациониот суд Скопје и на Кривичниот, Граѓанскиот, Управниот и Вишиот Управен суд
Во рамки на посетите, претседателката Адеми оствари средби со претседателката на Апелациониот суд, Мери Дика Георгиевска, со претседателот на Основниот кривичен суд, Иван Џолев, со претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија, со претседателот на Управниот суд, Бурим Сејдини и со В.Д. претседателката на Вишиот Управен суд, Виолета Илиевска.
На работните посети се говореше за повеќе прашања кои се значајни за работата на судовите, а во врска со континуираната потреба од обезбедување на судиски и стручен кадар, реализацијата на проектите во смисла на капиталните инвестиции на судовите и одржувањето на судските згради.
Посебен акцент за време на работните средби беше ставен и на постапувањето и одлучувањето по предметите од висок јавен интерес, унапредувањето на ажурноста и ефикасноста и преземањето активности со цел да се подобри угледот на судството и јавната доверба.
Исто така, на средбите се говореше и за отвореноста и транспарентноста, архивирањето на предметите, употребата на информатичката технологија и потребата од интензивна соработка на судовите.
Претседателката на Врховниот суд на Република Македонија, изминатиот период изврши посети на сите пониски судови низ државата. Со посетите на Апелациониот суд Скопје, на кривичниот и граѓанскиот суд, Управниот и Вишиот Управен суд се заокружија сите планирани посети на пониските судови од страна на највисокиот суд во Република Северна Македонија.
Целта на работните посети согласно надлежностите на Врховниот суд беше непосредно да со воочат проблемите и предизвиците на судовите, да се интензивира взаемната координација и соработка, да се разговара за прашањата кои се од интерес за јавноста и граѓаните и да се потенцира начелото на судска солидарност, во светло на потребните судски реформи и примената на европските стандарди.