Необезбедувањето на законски утврдените средства за судството е спротивно на неговата уставна и законска независност
ActionsВести
- Почетна
- >
- Вести
Необезбедувањето на законски утврдените средства за судството е спротивно на неговата уставна и законска независност
Според ревизорскиот извештај, средствата кои се издвојуваат за финансирање на Судската власт за 2022 година се дури за 63% помали од законски утврдениот лимит, односно наместо законски утврдените 0,8% од БДП, за судството се наменети само 0,3%.
Законот за Судскиот буџет пропишува дека со судскиот буџет се обезбедува стабилно, долгорочно, рамномерно и соодветно финансирање на судската власт, а со цел да се обезбеди нејзината уставна и законска независност и самостојност.
Врховниот суд на Република Северна Македонија напоменува дека до денес не е исполнета законската обврска да се обезбеди 0,8 отсто од БДП за судството и во таа насока укажува на должноста и потребата од доследно почитување на Законот за судскиот буџет.
„Обезбедувањето на законски утврдените средства за работата на судството претставува еден од клучните фактори за независноста на судската власт која е една од трите власти во државата. Креирањето и извршувањето на судскиот буџет мора да е во согласност со уставното начело на поделба на власта и во согласност со прописите кои ја гарантираат законската, функционалната и финансиската независност на судството“, истакнува претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми.