Општите седници на Врховниот суд ќе бидат јавни
ActionsВести
- Почетна
- >
- Вести
Општите седници на Врховниот суд ќе бидат јавни
Во новите измени на Деловникот за работа на Врховниот суд се пропишува дека општите седници на Врховниот суд на Република Северна Македонија се јавни, а јавноста во работата на Општата седница се обезбедува и со присуство на претставници на средствата за јавно информирање.
Претседателката на Врховниот суд на денешната Општа седница истакна дека значењето на Врховниот суд од уставен и законски аспект, како и значењето на прашањата кои се разгледуваат пред Општата седница од правен аспект, а воедно се од интерес за граѓаните ја наметнуваат потребата од јавност.
„Измените на Деловникот за работата на Врховниот суд се во согласност со темелните уставни вредности, законските начела и меѓународните принципи. Со предложените измени на Деловникот, ќе се даде значаен придонес за јакнење на јавната доверба и углед на судството и на Врховниот суд како највисок суд во државата.
Со предложените измени се предвидува јавност во работата на Општата седница и остварување на јавноста во работењето на судот преку нормативна новина која ќе ја унапреди и соработката и комуникацијата на Врховниот суд на Република Северна Македонија со медиумската заедница и со пошироката заинтересирана јавност.
Предложените измени се засноваат на уставните и законските начела за јавност на судството, највисоките меѓународни правни норми интегрирани во домашното законодавство, принципите на Европската конвенција за заштита на човековите права и стандардите на Европскиот суд за човековите права, европските стандарди и меѓународните документи од областа на судството и заложбите и активностите на Советот за отворено судство“, образложи претседателката Адеми.