Претседателката на Врховниот суд оствари посета на основните судови во Свети Николе, Струмица, Берово и Делчево
ActionsВести
- Почетна
- >
- Вести
Претседателката на Врховниот суд оствари посета на основните судови во Свети Николе, Струмица, Берово и Делчево
Во рамки на посетите, претседателката Адеми оствари средби со претседателката на Основниот суд Свети Николе, Лилјана Додевска, претседателот на Основниот суд Струмица, Емил Глигоров, В.Д. претседателот на Основниот суд Берово, Дарко Ристов, и претседателот на Основниот суд Делчево, Миле Ѓоргиев.
Претседателите на основните судови ја информираа претседателката на Врховниот суд за повеќе прашања кои се значајни за функционирањето на судовите, особено за проблемите во врска со обезбедувањето на судски и стручен кадар, функционалноста и одржувањето на судските згради, ажурноста и ефикасноста, отвореноста и транспарентноста, процесите на архивирање на предметите и употребата на информатичката технологија.
Посебен акцент беше ставен и на прашањето за воедначување на судската практика, како и за потребата од поголема инклузивност на судската фела во креирањето на законските прописи од областа на правосудството и за реализирање на заложбите за обезбедувањето на законски лимит за буџетот на судството.
Воедно, на работните посети беше истакнато дека Врховниот суд на Република Северна Македонија преку ваквите посети ја зајакнува взаемната соработка и солидарност и дека во идниот период Врховниот суд ќе ги интензивира заедничките активности со пониските судови, а со цел унапредување на независноста и ефикасноста на судството.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, во следниот период ќе продолжи со работните посети на апелационите и основните судови од сите апелациони подрачја во Република Северна Македонија.