Одржана работна средба на Врховниот суд со четирите апелациони судови
ActionsВести
- Почетна
- >
- Вести
Одржана работна средба на Врховниот суд со четирите апелациони судови
На работната средба се говореше за прашања во врска со унапредувањето на судската практика, како и за прашања кои се од значење за работата на судовите, со посебен акцент на потребата од финансиска независност, подготовката на проектите во делот на капиталните инвестиции, ефикасноста и ажурноста и унапредувањето на транспарентноста врз основа на заложбите на Советот за отворено судство.
За време на работната средба беа разгледани и дискутирани правни прашања од кривичната и граѓанската област и беа донесени заклучоци за усогласување на ставовите помеѓу судиите и воедначување на судската практика во постапувањето.
Претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, истакна дека средбата е дел од широкиот спектар на активности кои Врховниот суд ги презема за унапредување на владеењето на правото и во врска со прашањата кои се разгледуваат при континуираните посети на пониските судови.
„Една од тие активности е и унапредувањето на судската практика како двигател на правната сигурност. Преку унапредувањето на судската практика се дава важен и исклучителен придонес во конзистентноста на судските одлуки. Тоа говори за проактивноста на судовите кои покрај надлежностите кои ги извршуваат во согласност со Уставот и законите, потребно е да ја остваруваат и улогата на заштитник на човековите права и заштитник на принципите над кои се гради судската практика. Усогласувањето на судската практика треба да е активност која ќе се одвива континуирано бидејќи на таков начин се гради солиден судски систем и се зајакнува потребната соработка и комуникација помеѓу судовите“, нагласи Адеми.