Соопштение за јавност
ActionsВести
- Почетна
- >
- Вести
Соопштение за јавност
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани граѓани,
Се обраќам најпрвин пред Вас и сметам дека Вам Ви должам први да ја слушнете мојата одлука која ќе Ви ја соопштам денес и причините за истата.
До земја Ви се поклонувам Вам, граѓаните кои секојдневно ми изразувате поддршка за храброста, чесноста и заложбите кои ги имав и токму поради тоа успеав и во најтешките моменти да издржам. Дека искрена е почитта кон Вас, сумдокажала со оглед дека не се штедев себеси и своето време за да Ве примам, сослушам и преземам понатамошни дејствија за надминување на состојбата.
Вам, почитувани претставници на медиумите, Ви благодарам за несебичната поддршка која ја изразувате преку вистинитото и аргументирано известување во врска со одредени состојби и случувања во Советот и не дозволивте да бидете инструирани од одредени поединци и да пренесувате правни ставови и неаргументирани состојби од лица кои не се правници или пак од адвокати кои главна дејност им биле платни налози. Вашите ставови за информирање сте ги поткрепиле врз основа на прибирани факти и разговор со релевантни експерти и стручна јавност. Секако, тоа се должи на фактот дека работите професионално почитувајќи си ја професијата и не сте си дозволиле нереално информирање, односно не сте дозволиле врз основа на секој еден што ќе се сети да презентира нешто, тоа да го објавите. Пред Вас и само за Вас била и останува јавноста, која треба вистинито да биде информирана. Оние, исклучоци кои впрочем ги има и во секоја професија, и се потскриваат зад новинарскатапреку разно разни порталчиња, ги жалам, навистина, но верувам дека и Вие самите се срамите од таквите поединци кои го нарушуваат угледот газејќи ги основните принципи на Вашата професија.
Во изминатиот период имаше текстови споделени по некои портали, на кои очигледно сервирани им беа текстовите и очигледна беше намерата. Би истакнала дека правната битка се води во судница, а не со објавување на текстови со невистината содржина, евентуално сторено кривично дело или коруптивно дејствие особено ако е предизвикано од носител на јавна функција, се пријавува пред надлежните органи. Недозволиво е да објавите текст напишан било од адвокат, било од политичар или од било кое лице, со цел некому да му нарушите углед, да го прикажете како нечесен, да неречам коруптивен, а уште повеќе да напаѓате и обвинувате судии и јавни обвинители и да се обидувате индиректно да влијаете врз судии или обвинители. Тоа во секоја демократска држава не е дозволено. И ова не го зборувам бидејќи и јас бев изложена во таква ситуација, туку заради почитта која треба да се има кон граѓаните, кон судиите и обвинителите, особено од почит кон новинарската професија.
Слободата на изразување мора и треба да се почитува од секого и тука нема компромис. Критиките за секој од нас треба да се сфатат како добронамерни и во насока на подобрување на одредени состојби, доколку секако тие не се контрукција за нечии цели и нарачки. И затоа, Судскиот совет изминатиот период, особено изминатата година беше транспарентен и отчетен. И тоа не го велам само јас, тоа го вели и Извештајот на ЕК. И токму заради значењето на нотираните факти во Извештајот на ЕК и во Извештајот на Оценската мисија на ЕУ, приоритет на Судскиот совет беше и ќе биде, доследно спроведување на препораките од Оценската мисија на ЕУ. Целта на Судскиот совет е да спроведе се што е во негова надлежност и со тоа да даде придонес во успешноста на реформскиот процес. Но, за да бидеме дел од европското семејство, треба свој придонес и заложби да дадат и останатите две власти, извршната и законодавната. Не би сакала да се смета дека мојот личен став го упатувам кон овие две власти во нивните политики и размислувања, туку во насока да овозможат услови за успешен реформски процес во делот на судската власт, а тоа се независно финансирање и зголемување на бројот на човечки ресурси.
Во овој момент, во мое лично име и во име на Судскиот совет на Република Северна Македонија упатувам огромна благодарност до целата меѓународна заедница, до сите претставници на другите држави во нашата земја, нивните екселенции амбасодорите, до сите експерти од проектите, кои секој момент и на секој начин ја даваа својата поддршка, со цел да се подобри состојбата во Советот преку континуирано и целосно имплементирање на препораките на ЕУ, како еден од условите за прием на нашата држава во ЕУ. Нивната помош и поддршка беше единствениот начин да се имплементираат препораките на Оценската мисија на ЕУ кои беа во надлежност на Советот, бидејќи државата тоа не го овозможи.
Би сакала да се заблагодарам и на мнозинството членови на Советот кои посветено работеа и се ангажираа за успешно спроведување на препораките, но и со својот интегритет покажаа дека се на ниво на функцијата која ја извршуваат, иако и дел од тие колеги беа изложени на неосновани критики. Поддршката од совесните, стручните и професионалните членови на Советот кои се мнозинство во Советот беше доволно за да Советот изминатата година покаже сериозни резултати, кои верувам дека ги препознаваат и судиите и граѓаните.
Респект изразувам и за претседателите на судовите и судиите кои не се додоворуваат на политичарите ниту од претходната власт, ниту од оваа, ниту од некоја иднавласт и во секој момент, не само декларативно, останаа доследни на почитување на независноста и самостојноста на судството. Длабоко во себе верувам дека генерално судиите се независни и самостојни, но сепак меѓу нив постојат исклучоци, кои за одредена лична корист, биле ставени или се ставени во рака на политичари. На тие таквите би им порачала само едно, не си играјте со огинот, за своја лична и еднократна корист нанесувате колективна и долгорочна штета за целото судство. Ги омаловажувате Вашите колеги судии, ги изложувате на критики во јавноста, ја девалвирате судиската функција.
Судиската функција не е занает, не е трговија, судиската функција значи правораздавање, а тоа ниту се купува, ниту се плаќа. Затоа, имајќи го во предвид огромниот број судии кои правораздаваат, очекувано е во наредниот период сами да почнат да се одважуваат и тој канцер од нивните редови, напоменувам кој е во многу мал број, ќе се обидат сами да го отстранат. Само на тој начин ќе се заштитат себеси од неоснованите критики, но и од обидот за евентуални влијанија. Политичарите мора и треба да сфатат, а тоа ќе го сфатат кога судиите и сите ние од судската власт нема да им дозволиме да продрат во носење на одлуките, дека судската власт е една од трите власти и истата е независна и самостојна.
Почитувани,
По моето прво разрешување од функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија и кога со одлука на Управниот суд повторно бев вратена на истата функција, сакам да споделам нешто што досега не сум го споделила јавно, а тоа е дека долго, долго се мислев дали кога ја добив пресудата да се вратам како претседател и дали воопшто да останам член на Советот. Ова од причина што знаев дека заради однесувањето на одредени членови, Советот не само што ќе трпи колективната критика, туку и во одредени ситуации ќе има и опструкции при постапувањето.
И мене, а верувам и на мнозинството членови на Советот ни е познато или пак сме препознале дека од оние исклучоци од членови, кои при донесување на одредени одлуки нивниот став ниту бил сопствен, ниту самостоен, а ниту бил согласно со закон иако вешто прикриен позади образложението за да изгледа така, но сепак сметавме дека ќе успееме да продолжиме во насока на подобрување на состојбата во Советот и во судството и бевме одлучни да ги поддржиме активностите во таа насока. И тоа беше причината заради која одлучив да се вратам на функцијата претседател и останав член на Советот.
И еве, скоро цела година, при секое мое дејствие, при секоја активност, при секоја одлука за обезбедување на поефиксана и поквалитетна правда, пред мене бевте Вие, граѓаните. И тоа мора да е така. Вие, граѓаните заслужувате на секоја Ваша претставка да се пристапи брзо и внимателно, секоја Ваша индиција да биде процесуирана, да Ви судат чесни судии и законот да биде тој кој ќе ја донесе Вашата одлука. Вие, тоа го заслужувате, а сите ние, и Судскиот совет и судиите сме должни тоа да Ви го обезбедиме.
Воедно, сметав дека и заради судиите, не мислам на оние исклучоци кои не ја заслужуваат судиската тога, кои имаат право заради макотрпната работа и заради нивната чесност и совесност која може да им се признае преку унапредувања без тефтерчиња, треба да се преземат сите дејствија во рамки на својата надлежност, а воедно да им се обезбеди независност, самостојност и квалитетни услови за работа. Ги имав во предвид и вработените во судовите и Судскиот совет. И се што било во моја надлежност се обидував да го спроведам, секако со ограничени услови со кои се соочува судската власт.
Но, бидејќи изминатиот период нема слух кај извршната и законодавната власт за да се обезбеди брза и ефикасна правда, а која треба да се обезбеди со нови вработувања, со доволно финасиски средства за судовите, за кое не се шттедев ниту со време, ниту со анализи и агрументација за да ја објаснам потребата од истото, согласностите за вработувања за 2024 година беа одбиени, финасниите за судската власт скратени и во овој момент сметам дека нема начин како оние вработени по судовите кои неколку години се на определено време да им се регулира статусот после 31.12, како судиите кои остваруваат тројно зголемена норма, а постојано се повикувани во негативен контекст, да го издржат сето тоа, како да им се подобри статусот на стручните соработници или како да се искористи нивното знаење и труд кои со години го оставуруваат во судовите и се спремен кадар за судии.
И кога нема слух за подобрување на состојбата во судството и истото е опструирано од власта, и на разно разни начин и претседателот на Владата и политчарите од владеачката гарнитура, од собраниска говорница или преку прес службата изразуваат негативен став спрема Судскиот совет, спрема членови во Советот, но најпоразително од се е што изразуваат негативен став кон судиите, од кои поголемиот број навистина не го заслужуваат тоа, сметам дека единствено што ми останува е да го заштитам мојот личен интегритет и мирот и спокојството и мое и на моето семејство, поради што поднесувам
НЕОТПОВИКЛИВА ОСТАВКА
од функцијата претседател на Судскиот совет
на Република Северна Македонија
Имено, изминатиот период, особено последните месеци, од страна на одредени почитичари, и тоа од собраниска говорница се правеа обиди за да се наруши мојот интегритет.
Претседателот на Владата токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет, со кој раководам, има некави кланови и се фалсификуваат записници. Воедно, во неколку наврати тој, како и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со одредени политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или пак членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно, а Судскиот совет, заедно со Советот на јавни обвинители беа посочни како тела кои треба да бидат распуштени. Дури, во телевизиско гостување истакна и дека на нашето место, на местото на постојаните членови на советите, треба да дојдат „нивни“ луѓе, претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владеачката политичка партија. И ова, во една демократска држава е многу сериозно, да не речам поразително.
Се одеше дури дотаму да од страна на пратеник во Собранието на Република Северна Македонија, Антионио Милошески да бидат сериозни закани за кривична одговорност толкувајќи одредена правна ситуација на АЛСАТ ТВ, која е далеку од правото и правната доктрина. Не ми е познато дали овој пратени е правник, небитно ми е навистина, но мора сметам дека секој политичар треба да внимава на зборовите, да не внесува несигурност кај граѓаните и да не ги доведува во заблуда. Особено не смее да се упатуваат закани спрема носител на функција во судската власт. Тоа е крајно недозволиво бидејќи тој не е независен пратеник, туку пратеник од политичката партија која е на власт и неговите закани би можеле да се толкуваат како закани упатени од политичката партија која ја претставува.
Судскиот совет во неколку наврати кога од страна на политичари јавно се толкуваа судски одлуки и беа посочувани одредени судии, не реагираше, не затоа што се повлече и не сакаше да пркоси, туку за да го зачува угледот, а воедно и да ги заштити судиите од продолжување на споменување на нивното име и презиме во јавноста, да не даде шанса по секој демант или реакција на Советот, повторно да има обраќање од прес службата на било која политичка партија, која не се согласува со судската одлука.
И она што ми падна најтешко и кое беше клучно поради ваквата моја одлука е што нарачани текстови изминатиот период се споделуваа по одредени портали, од чија содржина произлегува тоа. Јасна беше намерата. Се бараше начин да бидам оцрнета, прикажана како влијаам во судски постапки во кои оштетена е компанија со која управува мојот сопруг. И тоа го игнорирав бидејќи секој судија и секој обвинител знае дека никогаш и на ниту еден начин ниту сум влијаела, ниту пак би се довела во таква ситуација, во спротивно доколку сум вршела влијание врз судии и обвинтели истите биле должни веднаш да го пријават кај органите на прогон. Кога совеста ти е чиста, ништо не може да го наруши сонот. И тоа не ме погоди,верувајте. Како носител на највисоката функција во судската власт, со самото отпочнување на извршување на функцијата бев спремна дека ќе да бидам изложена на критики, некои помалку вистинити, некои сосема невистинити. Но, она што длабоко ме погоди што поради нечии лични интереси, мојот сопруг и моето семејство беа соочени со лагите, конструкциите и манипулациите на тие такви луѓе, нелуѓе. Несовесни манипулатори се обидуваа на разно разни начини да сторат се само да нема правда и заборавија дека правадата се докажува во судница, врз основа на докази, а согласно закон, не преку портали. Но, очигледно во недостаток на докази и аргументи тоа им останал единствениот начин
Неспорно е дека моето семејство изминатиот период, една, две години наназад е изложено на сериозен притисок поради извршување на функцијата. Моето семејство го изгуби моето присуство од денот кога станав претседател.Моите родители, моите пријатели речиси и да не ме гледаат бидејќи поради активностите кои не секогаш завршуваат до 16-17 часот, сум пропуштила многу родендени, дружби, средби и разговори со најблиските.
Затоа во текстот на оваа оставка,која останува во аналите на Судскиот совет, сакам длабоко да им се извинам за сето пропуштено време поминато со нив, за сите притисоци кои ги имале, за обидите за конструирање на случаи кои не постоеле, за сите прочитани текстови во кои некогаш и на недоличен начин било споменувано моето, па и нивното име, за заканите кои биле присутни.
И вчера, во текот на изготвување на текстот на оставката и себеси и ним им ветив дека досега приоритет ми беше Судксиот совет и државата бидејќи сметам дека за среќата на моето семејство и семејствата на моите пријатели и за среќата на сите граѓани на оваа држава, важно да владее правото, да има независно судство, правдата да биде неселективна правда и еднакви за сите. Но, штом дел од главните чинители, носители на највисоките функции во државата на дело не го покажуваат истото, од овој момент целосно се посветувам на семејството, со оглед дека функцијата член на Советот не бара континуирана ангажираност надвор од законски утврденото работно време.
Мандатот на извршувањето на функцијата претседател на Судскиот совет ми истекува по истекот на 2 години, па поради прекинот кој настана заради незаконското мое разрешување, истиот ми трае до фактичкиот истек на 2 години, односно функцијата требаше да ја извршувам уште онолку време колку што без моја вина и причина имав прекин и незаконски бев отстранета, а во кој период претседател на Советот беше Сашко Георгиев.
Ова го истакнувам поради сензитивноста на овој случај, инициран од поединци од Советот на кои не им одговара законското постапување и одлучување во Советот, ниту пак беа целосно посветени на активностите кои беа спроведени, а се резултат на макотрпната работа на мнозинството членови и вработените во Советот. Е, токму Вие колеги, изнаоѓавте разни причини и канали за да оваа Ваша наводна дилема се пласира во јавноста. Сега гледам, од оваа перспектива, дека се одело дури и дотаму да сесподелуваат информации од размислувања, ставови на членови истакнати на работен состанок, кое право е утврдено со закон. На тие работни состаноци и сега и во иднина се носеле и ќе се носат заклучоци за сите прашања за кои не треба да се одлучува на седница. Затоа, прашањето дали треба да се констатира престанок на мандатот на функцијата престедател не беше ставено како точка на дневен ред, бидејќи по истекот на мандатот, кое не е во конкретниот случај, како точка на дневен ред се става избор на претседател. Вие, а и јавноста може да се увери во ова што го зборувам ако се погледне записникот кога се избираше претседател на Советот по истекот на мандатот на поранешниот претседател Киро Здравев со оглед дека тој е последниот претседател на кој му престана мандатот поради истекот на времето за кое е избран.
Но, ова е ирелевантно сега. Едноставно сакав да го споменам од причина што беше пласирано во јавноста од поедини членови, а на штета на мојот интегритет. Неосновано се создаде заблуда кај одредени лица, кои се прилично малку, наспроти еминентни и почитувани експерти и стручна јавност, дека се инсистира да се прикаже во јавноста дека противзаконито ќе останам да ја извршувам функцијата.
Ниту Вас колеги, ниту на било кого ќе му дозволам да го валка мојот образ, да го споменува моето име и презиме во негативен контекст без оправдана причина, да прави обиди за нарушување на мојот интегритет. Мојот образ нема цена, моето име и презиме не се извалкани никогаш, а мојот интегритет и во најтешките моменти сум успеала да го докажам и да го зачувам.
Ако од сегашната власт тогаш опозиција бев обвинувана за политички избор врз основа на една фотографија и разни меѓусебни муабети дека сум блиска со одредени политичари, сметам дека докажав дека ниту сум политички избор, ниту привезок на некој, ниту пак некој може да ме контролира и да ми влијае. Се спротивставив на тогашната власт, се спротивставувам и на оваа власт. И токму поради тоа за да се зачува независноста на судството, да се успее во заложбите на Советот, да се подобри целосно состојбата во Советот и судството, останувам како член на Советот.
Секако, доколку тоа не ми биде скратено. После се, особено после оние директни закани од страна на пратеник во Собранието, нема да ме изненади дека тука ќе се запре и убедена сум дека нема да имам мир. Само ќе останам љубопитна да видам на кој начин и преку која институција ќе се спроведе тоа. Тоа ќе го издржам, но нема да можам да издржам ако се посегне побезбедноста и сигурноста на моето семејство, мојата ќерка и мојот сопруг.
Воедно, почитта која ја имам спрема судиите не ми дозволува да се повлечам целосно, туку сметам дека треба да останам и со своите ставови и гласно искажан став да се борам да бидат унапредени оние судии кои заслужуваат, а не како во минатото кога се избирале од тефтерчето, а воедно да бидат санкционирани нечесните и несовесните судии, преку што ќе се заштити интегритетот на чесните и совесните судии и на тој начин ќе се врати довербата во судството.
Нема да се штедам, заеднички со мнозинството членови на Советот, да сториме се што е во рамки на нашата надлежност да на граѓаните им се обезбеди побрза и поефикасна правда, правда која ќе биде испорачана и на граѓанин кој не е ниту роднина на политичар, ниту пријател на судија, ниту приврзаник на политичка партија.
На крај, би упатила порака до политичарите:
Имуна сум на Вашите ставови, имуна сум на Вашите закани и имуна сум на Вашите намери. Но, доколку нешто се обидете да сторите против член на Судскиот совет, против Судскиот совет илипротив судија, истото сторете го законито, врз основа на факти и докази, но и во согласност со Уставот. Само така ќе докажете дека немате намера Судскиот совет да го распуштите бидејќи треба да се донесат подобни луѓе, само така ќе докажете дека не го земате за зло пркосот и одважноста на судиите, само така ќе докажете дека ги почитувате судиите кои даваат несебичен придонес за ефиксна и ефективна правдаза граѓаните. Без емоции, без конструкции, спрема судиите и спрема членовите на Судскиот совет. Се со факти и докази, се согласно закон и Устав
Заради заштита на угледот на Судскиот совет и во насока на законито постапување, јавно го повикувам Претседателот на Владата на Република Северна Македонија да ги достави доказите веднаш до ОЈО кои како што од собраниската говорница наведе дека ги има, а се однесуваат на фалсификување на записници во Советот, во спротивно сметам дека треба јавно да се извини на Советот. Секој граѓанин, особено носител на јавна функција, кој има индиции или располага со докази за евентуално сторено кривично дело е должен веднаш да пријави кај надлежен јавен обвинител.
На судиите им упатувам порака:
Заштитете си ја Вашата независност и ставете бедем кога некој ќе се обиде да ја наруши истата. Не дозволувајте никому и за ништо да Ви влијае, да Ви го одземе најважносто нешто, а тоа е интегритетот.
А Вам, мои колеги, членови на Судскиот совет, од кои поголемиот дел исклучително Ве почитувам,Ви упатувам порака:
Да продолжиме заеднички да ја подобруваме состојбата во Советот преку нашите активности, да ја заштитиме нашата, но и независноста на целото судство и да продолжиме заедно да ја враќаме довербата кај граѓаните.
Почитувани претставници на медиумите,
Ви благодарам што останавте да ме слушате докрај иако бев подолга, но граѓаните имаат право да ја знаат вистината. Тежок е товарот на секоја функција, заради одговорноста која сите ние ја имаме пред нив, пред кои мора да бидеме понекогаш и сурово искрени, а не секогаш тоа ни било лесно.
Прес конференцијата може да ја погледнете на следниот линк на youtube: https://www.youtube.com/watch?v=fE3aSRNdzmU