НАДЛЕЖНОСТИ НА ОСНОВЕН СУД КИЧЕВО
Согласно Законот за изменување и дополнување на законот за судовите (Сл. Весник на РС Македонија бр. 96 од 17.05.2019 година) Основниот суд Кичево е суд со проширена надлежност
Член 31
(1) Основните судови со проширена надлежност покрај надлежноста утврдена во членот 30 од овој закон за подрачјата за кои се основани, се надлежни да одлучуваат по кривични дела, и тоа :
- за оние за кои со закон е предвидена казна затвор над пет години и за кривични дела и прекршоци извршени од малолетни лица,
- да спроведуваат истрага и истражни дејствија за кривични дела од својата надлежност,
- да постапуваат по предмети за екстрадиција,
- по жалби и приговори за постапките за кои се надлежни и
- да решаваат за постапки за меѓународна правна помош утврдена со закон.
(2) Основните судови со проширена надлежност покрај надлежноста утврдена во членот 30 од овој закон за подрачјата за кои се основани, се надлежни да одлучуваат по граѓански спорови, и тоа:
- за спорови во имотно-правните и други граѓанско-правни односи на физички и правни лица, чија вредност е над 50.000 евра во денарска противвредност, доколку со закон не е предвидена надлежност на друг суд,
- во трговски спорови во кои двете странки се правни лица или државни органи, како и спорови од авторски и други сродни права и права од индустриска сопственост, - водат судски регистар за политички партии,
- во постапка за стечај и ликвидација,
- во спорови за утврдување и обезбедување за присилно извршување и
- за спорови на домашни правни и странски лица кои произлегуваат од нивните меѓусебни стопански, односно трговски односи.
(3) Надлежноста од ставовите (1) и (2) на овој член ќе ја вршат судовите и тоа: Основниот суд во Битола и за подрачјето на Основниот суд во Ресен, Основниот суд во Прилеп и за подрачјето на Основниот суд во Крушево, Основниот суд во Охрид за подрачјето на Основниот суд во Охрид, Основниот суд во Струга за подрачјето на Основниот суд во Струга, Основниот суд во Гостивар за подрачјето на Основниот суд во Гостивар, Основниот суд во Кичево и за подрачјето на основните судови во Кичево и Дебар, Основниот суд во Тетово за подрачјето на Основниот суд во Тетово, Основниот суд во Куманово и за подрачјето на основните судови во Крива Паланка и Кратово, Основниот суд во Кочани и за подрачјето на основните судови во Берово, Виница и Делчево, Основниот суд во Велес за подрачјето на Основниот суд во Велес, Основниот суд во Гевгелија за подрачјето на Основниот суд во Гевгелија, Основниот суд во Кавадарци и за подрачјетo на Основниот суд во Неготино, Основниот суд во Струмица и за подрачјето на Основниот суд во Радовиш и Основниот суд во Штип и за подрачјето на Основниот суд во Свети Николе.
Историјат
Историјат
Основниот суд во Кичево е основан со повелба на АСНОМ за устројство на редовните народни судови на Федерална Македонија и решение на АСНОМ за создавање на Суд за судење на престапи против македонската национална чест,на 31 март 1945 година.Со повелбата се основаат 25 околиски судови,3 обласни суда со седиште во Скопје, Штип и Битола и Врховен суд во Скопје. Поради тоа 31 март 1945 година се смета за ден на основање односно на поставување на темелите на правосудството во Република Македонија.
Во почетокот на своето работење Околискиот суд во Кичево бил сместен во центарот на градот на ул. „М.Тито„ во манастирска зграда на местото каде денес се наоѓа Домот на културата „Кочо Рацин„. Работата во тој период де одвивала во отежнати услови бидејќи судот се соочувал со низа кадровски ,просторни и материјално - технички проблеми.
Што се однесува до предметите по кои постапувал судот во почетокот претежно се суделе кривични, парнични и оставински предмети.
Со донесувањето на Сојузниот и Републичкиот Устав во 1963 година Околнискиот суд во Кичево е преименуван во Општински суд Кичево и продолжил да функционира како суд од општа надлежност. Просторните и проблемите со недостаток на персонал кои се појавиле со зголемената надлежност на судот и зголемениот број на предметите и персонал се надминале со изградба на новата судска зграда и тоа на сегашна локација која е пуштена во употреба во 1966 година.
Со Уставната реформа од 1974 год. судската функција беше доверена на редовните судови како органи на државната власт и на самоуправните судови. Општинскиот суд во Кичево продолжи да функционира како редовен суд, а просторно го опслужувал и судот на Здружен труд во Гостивар за следење на предмети со странки од неговото подрачје.
Со донесување на законот на судовите во 1995 година, во осамостоена Република Македонија Општинскиот суд во Кичево беше преименуван во Основен суд Кичево.Со овој закон се зголеми неговата надлежност и стана наделжен за сите кривични, прекршочни, граѓански и стопански предмети во надлежност од прв степен.
Прв Претседател на судот во Кичево бил Борис Котлар од Охрид и тоа од 1945-1952 година, а потоа Претседатели биле:
- Владо Најдески од 1952-1954 год.
- Методија Лазески од 1954-1964 год.
- Зоре Попоски од 1964-1967 год.
- Љубе Стојаноски од 1967 -1979 год.
- Милчо Антоски од 1979 -1983 год.
- Димо Димоски од 1983-1987 год.
- Божин Аврамоски од 1987-2001 год.
- Кирил Миладиноски од 2002-2006 год.
- Мира Анѓелеска од 2006-2010 год.
- Баки Алили од 2011-2019 год.
Судска зграда
Структура на судска зграда
Основниот суд Кичево е сместен во еднокатна зграда , во која во приземјето во неколку простории се сместени ОЈО Кичево и ДП Кичево.
Приземје
Сместени се судската полиција, судска писарница- приемно одделение, три судски кабинети, судска сала бр.1, прекршочно, извршно и вонпарнично одделение, еден кабинет на стручните соработниции, еден кабинет на преведувачите-толкувачи, архивата на судот и една просторија на техничкиот персонал.
Кат
Сместени се 12 судски кабинети, кабинетот на Претседателот на судот, кабинет на Секретарот на судот заедно со техничкиот секретар на Претседателот на судот, кривично и граѓанско одделение, 4 судници, 3 простории за техничкиот персонал-дактилографи и благајната.