Билтени [Property context="current" type="content" htmlencode="false" separator="</li><li>" field="categories" start="
  • " end="
"] [Property context="current" type="content" htmlencode="false" separator="</li><li>" field="keywords" start="
  • " end="
"]

Билтени

МЕДИЈАЦИЈА – АЛТЕРНАТИВЕН НАЧИН ЗА РЕШАВАЊЕ СПОРОВИ

 

1.Медијација

1.1.Поим и основни карактеристики

Медијација е процес на вонсудско решавање на спорови со помош на трета неутрална страна – лиценциран медијатор, кој го олеснува процесот на решавање на спорот заради постигнување на заедничко прифатливо решение.

Во однос на судската постапка медијацијата е доброволна, неформална, доверлива, нејавна, брза и економична постапка.

Постапката на медијација може да се спроведува најмногу во период од 60 дена, доколку е започната пред да се иницира судска постапка, односно 45 дена, доколку е започната по поднесување на тужба пред надлежен суд..

Трошоците кои се предизвикуваат во медијацијата секоја страна лично ги подмирува (ангажирање полномошник и сл.) додека заедничките трошоци предизвикани во медијацијата за спроведување дејствија и административно техничките трошоци,, ги подмируваат на еднакви делови сите учесници, доколку поинаку не се договориле.

Во врска со прашањето кој медијатор ќе ја спроведува постапката на медијација и ќе ги води средбите на преговори помеѓу страните учесници, самите имаат право слободно да изберат медијатор, еден или повеќе медијатори (ко-медијација) кој ќе посредува при решавање на спорот во кој западнале. Медијаторот се избира од редот на запишаните лица во Именикот на лиценцирани медијатори што го води Комората на медијатори http://www.kmrsm.org.mk/ Mедијацијата нема правно значење доколку посредувањето се врши од лице кое не поседува лиценца за медијатор и не е запишано во Именикот на медијатори на Комората.

Лиценцираните медијатори кои се запишани во Именикот на медијатори, имаат надлежност да посредуваат при решавање на споровите со медијација на целата територија на државата, па страните воопшто не треба да се грижат каде е местото на живеење на медијаторот во однос на правната важност на исходот на постапката (спогодба / изјава).

 

1.2. Видови на медијација

Постапката на медијација, според законски пропишаниот начин на иницирање може да се јави како :

  • доброволна,

  • договорна и

  • со задолжителен обид предвиден со посебен закон

1.2.1.Постапката на медијација е доброволна, тогаш кога страните учесници писмено се согласуваат дека ќе учествуваат во постапка за медијација за решавање на конкретен спор. Имено, двете страни потпишуваат писмени изјави за согласност за учество во медијација кои се доставуваат до медијаторот кој ќе изберат да посредува при решавање на нивниот спор, или пак ако веќе е поведена судска постапка со тужба, двете страни имаат можност на нивно барање, да дадат пред судот изјава на записник дека ќе се обидат спорот да го решат во постапка на медијација при што, во ваков случај, судската постапка се прекнува за период од 45 дена. Доколку во периодот од 45 дена страните успеат да постигнат спогодба, истата се доставува до судот каде била поднесена тужба и судијата ја внесува на записник во вид на судско порамнување за да се стекне со својство на извршна исправа. Ако пак страните не успеат да се спогодат, во тој случај, постапката за решавање на спорот продолжува пред судот каде и претходно веќе била поднесена тужба за решавање на истиот спор, за судот да одлучи каква ќе биде правната разрешница на конкретната правна работа..

1.2.2. Кога за одреден вид на спорови е предвиден задолжителен обид на медијација, медијацијата започува на денот кога е пратена покана за учество во медијација

Конкретно се работи за стопанските спорови за чие решавање во чл.47 од ЗИД на ЗПП (јули/2015) со менување на чл.461 од ЗПП се предвидува дека за стопански спорови кои се однесуваат на парично побарување до 1.000.000 денари за кои постапката се поведува со поднесување тужба пред надлежен суд, страните пред да ја поднесат тужбата мора задолжително да се обидат спорот да го решат со медијација.

Во контекст на наведеното, ова значи обврска за страната која има намера да поднесе тужба пред суд, пред да ја поднесе истата, да се обрати со писмено барање до медијатор кој лично ќе го избере, да достави покана до спротивната страна предметниот спор да се реши со медијација.

Ако поканетата страна ја прифати поканата и се изјасни во рок од најмногу 15 дена од денот кога е пратена поканата дека се согласува спорот да се решава со медијација, медијаторот веднаш ќе закаже средба на која страните ќе се обидат да најдат решение на спорот. Доколку пак во предвидениот рок од 15 дена поканетиот не одговори, или на не достави до медијаторот на јасен и недвосмислен начин изјава дека се согласува спорот да се решава во медијација, медијаторот на страната која го поднела барањето за иницирање медијација, ќе му достави писмена изјава за исходот на превземените дејствија во обид за решавање на спорот како би можел во друга соодветна постапка да бара разрешување на спорот.

1.2.3.Кога во писмен договор за воспоставување облигационен однос, договорните страни предвиделе во случај на спор истиот да се обидат да го решат со медијација, медијацијата е договорна.

Судот ќе ја отфрли тужбата за спор во врска со договорен однос во кој странките предвиделе спорот да го решат со медијација, а воопшто не се обиделе односно не приложиле кон тужбата доказ дека е направен обид за решавање со медијација. Се смета дека кога медијацијата се јавува во ваков вид, истата е задолжителна за страните пред да поднесат тужба пред надлежен суд.

Доколку страните постигнат заемно прифатливо решение – спогодба при ваков вид на медијација, истата може да се солемизира кај нотар за да има иста правна важност како и судската одлука, односно да претставува извршна исправа.

 

2.СПОРОВИ ЗА ЧИЕ РЕШАВАЊЕ МОЖЖЕ ДА СЕ СПРОВЕДУВА МЕДИЈАЦИЈА

2.1.Медијабилни спорови според чл.1 ст.2 од Законот за Медијација

Медијацијата се применува во спорни односи каде што страните слободно располагаат со своите барања, а особено во :

1.облигационите,

2.семејни,

3.работни,

4.трговски,

5.потрошувачки,

6.осигурителни спорови,

7.спорови од областа на образованието,

8.спорови за заштитата на животната средина,

9. спорови во врска со дискриминацијата, во кривичните спорови

10. како и во други спорни односи каде медијацијата одговара на природата на спорните односи и може да помогне за нивно разрешување.

2.2. Спорови кои не се подобни за решавање медијација

Одредени видови на спорови не се подобни да се решаваат со медијација и тоа, споровите со елементи на семејно насилство, спорови за утврдување и оспорување на татковство и мајчинство, спорови за утврдување на право кое е во надлежност на државна институција, стечајни спорови, споровите за развод на брак , спорови за статусни промени на правни лица и сл.

 

3. КАКО СЕ ПОВЕДУВА МЕДИЈАЦИЈА

3.1. Медијацијата се иницира со поднесување на барање до медијаторот кој поседува лиценца и кој страните во спор го избрале да посредува при решавање на конкретниот спор.

Доколку Барањето се поднесува преку полномошник адвокат или правник вработен во правното лице кое иницира медијација, задолжително кон барањето се поднесува и полномошно за застапување во медијација. Во полномошното задолжително треба да бидат наведени овластувањата кои му се даваат на полномошникот во постапка на медијација.

3.1.1.ЛИНК за Барање

3.1.2. ЛИНК за полномошно

3.2. Медијаторот кај кого е поднесено Барање, должен е веднаш да постапи по Барањето и без одлагање или одолговлекување, да достави покана до спротивната страна и да Ве извести дали поканетата страна се согласува  во законскиот рок  за изјаснување од најмногу 15 дена, спорот за кој ја иницирате медијацијата, ќе се обидете да го решите со посредство на медијатор

 
 

  • Доколку страната која е поканета за учество во медијација, изјави дека се согласува спорот да го решите со медијација, медијаторот ќе закаже средба за одржување на преговори

 

  • Доколку страната која е поканета за учество во медијација, изјави дека не се согласува спорот да се решава во медијација или воопшто не одговори на поканата, медијаторот ќе ви издаде изјава дека нема интерес за решавање на конкретниот спор по пат на медијација

 

Иако медијацијата  законски може да трае најмногу до 60 дена, во принцип се решава во траење од неколку часа, па  до неколку дена.


 

3.1.3.Податоци за медијација во Основен суд Кавадарци

Во Основниот суд Кавадарци, според одредбите од Законот за Медијација и Законот за Парнична постапка, по поведување на постапка со тужба, во 53 предмети постапката е прекината поради изјавен интерес за решавање на спорот со медијација.

Се работи за 52 судски предмети кои се однесуваат на решавање работни спорови и 1 предмет за решавање на спор за надомест на штета.

Во сите 53 предмети, странките успеале да постигнат спогодби во медијација, а судот овие спогодби ги има внесено во вид на судско порамнување на записник со што по својата правна важност се еднакво важни како и судските одлуки


 



4. ЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА (ЧПП)

 

1.Што е медијација?

Медијацијата е мирно решавање спорови помеѓу две или повеќе страни со посредство на медијатор - трета неутрална страна, со цел постигнување заемно прифатливо решение изразено во писмена спогодба.

 

2.Кои видови спорови се решаваат со медијација?

Медијацијата може да се примени во решавање на имотноправни, семејни, работни, трговски, потрошувачки, осигурителни спорови, како и спорови од областа на образованието, заштитата на животната средина, но и спорови  поврзани со дискриминацијата.

 

3.Како да изберете медијатор?

Страните во спорот можат да изберат еден или повеќе медијатори (ко-медијатори) од редот на лицата наведени во Именикот на медијатори кој го води и ажурира Комората на медијатори.

Именикот е јавно објавен на интернет страната на Комората на медијатори www.kmrsm.org.mk

Именикот е јавно објавен на интернет страната на Министерството за Правда www.pravda.gov.mk

Именикот е јавно објавен на интернет страните на судовите и на нивните огласни табли

 

4.Кој може да биде медијатор?

Медијаторот може да биде само лице кое поседува Лиценца за извршување медијаторски работи, издадена од Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.
Лиценца може да стекне лице со завршено високо образование, со помината основна обука за медијација од 70 /седумдесет/ часа и положен испит за медијатори.
 

5.Како се иницира медијација?

Медијацијата може да ја иницирате со поднесување Барање за спроведување медијација, до медијаторот кого ќе го изберете од листата на лиценцирани медијатори во Именикот на медијатори. Во прилог на Барањето се поднесува тековна состојба од ЦРРСМ (за правни лица учесници) или лична карта односно пасош (за физички лица учесници) како и полномошно за застапување во медијација доколку странката има интерес да ја застапува полномошник адвокат со стриктно наведени овластувања кои полномошникот има право да ги превзима во име и во корист на странката која ја застапува.
 

6.Кога се смета дека медијацијата започнува ?

Кај доброволна медијација, медијацијата започнува на денот кога страните учесници ќе потпишат изјава за согласност за учество во медијација
Кај медијацијата за која е пропишан задолжителен обид според закон, медијацијата започнува на денот кога се праќа покана до спротивната страна
Кај медијацијата предвидена со договор, медијацијата започнува кога и двете страни ќе потпишат писмена изјава за согласност за учество во медијација
 

7.Колку време може да трае медијацијата ?

Од моментот на започнување на медијацијата, истата може да трае најмногу 60  дена, доколку е започната пред поднесување на тужба, или 45 дена од моментот кога е донесено Решение за прекин од страна на судот каде е веќе по тужба започната постапка за решавање на конкретниот спор.

 

8.Како се одвива постапка на медијација?

Страните слободно се договараат за начинот на кој ќе се одвива медијацијата и истата се спроведува во четири фази : Подготовк, истражување, разгледување опции за можни решенија и завршница.

Во текот на целата постапка, без оглед која од фазите се спроведува, секоја од странките може да понуди опција како решение на конкретниот спор.
 Медијацијата се спроведува во одвоени средби со разговори помеѓу медијаторот и странката или заеднички разговори/преговарања помеѓу страните со посредство на медијаторот, во деловен простор погоден за спроведување на медијација, на целата територија на државата и во рок од најмногу 60 дена.

 

9.Која е целта на страните кои се одлучиле за медијација?

Да се обидат во одвоени или заеднички средби со посредство на медијаторот да постигнат спогодба со која компромисно ќе го решат спорот така што ниту една од страните да не се чувствува поразено, а со цел продолжување или обновување на добри односи

 

10.Кој ја изготвува спогодбата?

Спогодбата ја изготвува медијаторот според насоките кои ги добива од учесниците во постапката, а може да ја изготват и странките доколку има согласност за тоа.

 

11.Дали спогодбата има иста правна важност како и пресудата во судската постапка, односно дали може да биде извршна исправа?

Кога постапката за медијација се води пред започнување на судска постапка, а страните сакаат на спогодбата да и дадат сила на извршна исправа, тогаш спогодбата потпишана од страните ја солемнизира нотар согласно закон.
Доколку медијацијата започнала откако е веќе поднесена тужба за  конкретниот спор, спогодбата за да се стекне со својство на извршна исправа, се внесува на судскиот записник во вид на судско порамнување.

 

12.Што ако страните не успеат да постигнат спогодба во медијација?

Ако не се постигне спогодбено решение на спорот, медијаторот им издава Изјава дека постапката е завршена, а страните може да побараат друга разрешница на спорот, односно да поднесат тужба до надлежен суд или да користат друг начин на алтернативно решавање спорови.

 

13.Кој ги плаќа трошоците во постапката на медијација?

Во постапката за медијација секоја страна ги подмирува своите трошоци, а заедничките трошоци ги намируваат во еднакви делови, освен ако поинаку не се договорат.
 

14.Што ако страните постигнале спогодба во медијација, истата не ја солемнизирале, а не се исполнети обврските од спогодбата во рокот предвиден за нивно исполнување?

Во ваков случај, постигнатата спогодба во медијација ќе претставува основ за поднесување тужба пред надлежен суд со барање за нејзина целосна реализација преку судска одлука.

 

 

ИЗРАБОТИЛ,

Судски стручен соработник

Роза Алексова

Година
Опис Година Преземање

Пребарување одлуки

Суд
Број на предмет
Датум
_

Најнови вести


Сите вести